На Струга дуќан да имам

„Занаетот е златен...“
Народна пословица
1.

Изгори, мерак, изгори,
изгори – мерак се стори!
Сал не скоривај јадови
на стари, добри мајстори!

Времиња тешки дојдова
уште по тешки прокуди,
од ден на ден се умира
и душа бере с години.

Не пеј песната страдална –
в гората капат лисјата,
водите течат – ронат брег
и влечат млади јасики.

Чаршиите изумреа,
дуќаните запустеа –
пропадна сичко, прокопса
занает златен – 'рѓоса.

2.

Ние имавме чаршии
и рој – кошница пазари
и ред редени маази
полни, преполни со стока.

Слегнеш ли долу в чаршија,
минеш ли покрај дуќани –
пукот и врева – работа
и алтан полно чекмеџе!

Сами ковавме кондури
правевме бочви, мотики,
с нашите раци мајсторски
дигнавме бели градови.

Кој ни ги срина, кој ни ги
очумаве градовите?
Кој ни запусте, затвори
дуќани, куќи високи?

3.

Наквечер дојди, наквечер,
наквечер – в прва темница,
мини го прагот раскопан
влези во трошна одаја,
на миндер седни накривен
со каракамен на гради:
каде е, каде радоста
каде е куќа весела?

Штамата чмае, штамата
дебнее пуста проклета,
како ли, боже, чумата
в коските сичко стегнала.

По сокаците чекорат
кондури с клинци ковани,
штамата сечат с ножови
и пијат вино румено.

А в бафчи трендафилите
слушаш ги – со темницата
шепотат севда без мерак,
шепотат – златни времиња!

4.

Прикаски си останаа
старите бочви со вино!
Прикаски болни, таговни
грутки во срце снеговни!

Раскопани, буѓосани
со обрачи 'рѓосани,
по темни изби мемливи
ријат ги црвци смрдливи.

Никој не кова, не прави
старите бочви големи!
Старите бочви – преполни
со рујно вино црвено!

И ноќе – слушаш! – баботат
по бочвите сајбиите!
Деца се плачат – бегаат
сништа за стари времиња...

5.

Банки дигнаа палати
распнаа мрежи широки,
банки дигнаа палати
и кули танки, високи:
нагоре кула висока
надолу земја длабока.

Од сичко носат кајмакот
од потта цедат го сокот,
од сичко носат кајмакот
маката нам оставаат!

Банки дигнаа палати,
банки на нови измами,
кондури друзи коваат
с мотики гроб ни копаат –
пајдоса, златен, 'рѓоса
нашиот чесен занает!

6.

Ај, на налани излези
бело Фиданче писано,
прошетај долу в чаршија
кога седам на ќепенци!

Ако со око погледнам
око е – да го ископам,
ако со рака посигнам
рака е – да ја исечам.

Но ако срам ме залиса
оти сум жив а закопан,
кажи ми, кажи, Фиданче
кај да се скријам со лице?

Мајстор бев и устабаша
мајстор бев – станав чираче:
за борч продадов дуќанот
за борч продадов алатот –
с две раци сум, и тија две
скапаја се без работа!

7.

Тешката тага, тешката,
тешката тешко засвири!
Севда е тешка, голема
уште по тешка прокуда!

Наточи вино крваво!
Наточи на вересија!
Донеси да ја коваме
на Крали Марка сабјата!

В горите лисја капале –
в избите веди м'скајат!
В поле над млади јаганца
ножеви остри л'скајат.

На Струга дуќан да имам
на ќепенците да седам,
да видам, само да видам
и на ќепенкот да умрам!


Претходна Следна
Оваа страница е дел од
belimugri.digimak.org